И второ очајно издание на кошаркарските сениори на претквалификацискиот турнир во Талин за пласман на ЛОИ во Париз 2024 година.

Избраниците на селекторот Јончевски добија уште една лекција по кошарка од една Естонија со 83:59.

Домаќинот на овој турнир уште од стартот со пресинг игра ја капитулираше Македонија која ја доби четвртината со 25-7.

На полувреме ја поправивме реализацијата, но и естонците не застанаа. Па така на полувреме имаа двојно повеќе поени од нас 44-22.

Ние се обидовме да се вратиме колку толку во игра, намаливме на -15, но тоа беше се што сторивме на овој втор меч од групата.

На крајот заслужена победа на Естонија која одлично ги служеше и шутот за три поени со околу 40% успешност.

Македонија шансата за првата победа на овој турнир ќе ја бара против Чешка која загуби од Израел со 80-67.

Со овој пораз Македонија ги загуби шансите за пласман на првите две позиции во групата кои водеа во следната рунда од турнирот, а со тоа заврши сонот за настап на едни Олимписки игри.

Во нашиот состав најдобар беше Војдан Стојановски со 12 поени, а Шортс даде 11 коша. Кај домаќините кои играа тимски најдобар беше Треиер со 14, а по 12 дадоа Дрел и Раиесте.

Натпреварот од 3.коло Македонија го игра против Чешка во вторник од 15.часот.