Ракометната репрезентација на Македонија (до 19 години) со победа над Грузија ја заврши првата фаза од Светското првенство што се игра во Хрватска. Попладнево нашите ракометари во дуелот од 3.коло од групата Ф ја совладаа Грузија со 27:21 (13:10). Со двете победи тимот на селекторот Раде Стојановиќ ја постигна првичната цел пласман во ТОП 16.

Македонските ракометари одлично го почнаа дуелот и по водството од 5:1 постојано имаа контрола над резултатот што во денешниот натпревар беше исклучително важно. Водството го одржувавме, но сепак противникот се закани во финишот на првиот дел. Во второто полувреме македонските ракометари позитивата од првиот дел од +3 постојано ја зголемуваа и во неколку наврати имаа предност од + 6 (21:15 и 24:18).

Најефикасни во македнската репрезентација беа Даниел Шубашевски (без промашување) и Ненад Белистојановски со по шест голови, а најдобар играч на дуелот беше македонскиот голман Иван Галевски, кој во клучните моменти имаше неколку успешни интервенции или вкупно 11 на натпреварот.

Македонија во следната – главна фаза ќе игра против двете првопласирани селкции од групата Е – Данска и Австрија за пласман во четвртфиналето.

Утре на шампионатот е слободен ден, а следните два дуела се играат во понеделник и во вторник.