Откако утринава одработи тренинг, македонската машка кошаркарска репрезентација се на пад кон Белград. Избраниците на селекторот Јончевски, во наредните два дена ќе играат два контролни натпревари со Полска.
Тоа се и единствените контроли за црвено-жолтите пред олимписките пред-квалификации во Талин.
„Спаринг партнерот“ Полска која беше четвртопласираната на последниот Европски шампионат, е добра можност до каде е формата на македонските репрезентативци.
„Нè очекуваат два пријателски натпревари против Полска која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што ни следи. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до кај сме со нашата моментална форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави“, вели искусниот бек Андреј Магдевски.
Репрезентацијата заминаа за Белград со еден играч помалку во ростерот. Поради болки во грбот, во Скопје останува Љубомир Младеновски.
Согласно договореното, натпреварите меѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“.
Првиот натпревар е закажан за 5.август (сабота), со почеток од 18.часот. По кратко време за одмор, во недела на пладне, од 12 часот, на истото место ќе се игра и вториот натпревар, по што нашата експедиција се враќа во Скопје каде ќе ги одработи последните денови од подготовките пред заминувањето за Естонија, планирано за 10.август.