Македонија втор пат по 2012-та ќе биде дел од квалификациите за Олимписките игри.
Ако тогаш во Венецуела, имавме надеж дека ќе ги гледаме кошаркарите на Олимпијадата во Лондон, сега сме реално далеку од Париз.
Би било вистинско чудо Македонија да се вброи меѓу 12-те учеснички на Олимпијадата догодина. Патот е долг и премногу тежок, а ќе започне во Талин, Естонија.
„Бев дел од стручниот штаб на првите олимписки квалификации. Ова е многу тешко натпреварување, со оглед на тоа што само 12 репрезентации ќе се најдат на олимпискиот турнир, меѓутоа ова е добра начин да ги одиграме силите со посилни репрезентации кои понатаму ќе ги сретнеме во квалификациите за Европското првенство“, изјави селекторот Јончевски.
Со неколку откажувања и некомплетен состав почнаа подготовките кои ќе се одвиваат во Скопје.
„Имаме три неделни подготовки во Скопје. Ќе одиграме и два пријателски натпревари со Полска во Белград. Тоа се единствените контроли кои ќе ни покажат до каде сме“, истакна селекторот.
На првиот пред-квалификациски турнир (од 12 до 15 август), Македонија за противници ќе ги има Израел, Естонија и Чешка, редоследно.
На патот кон Олимпијадата, треба да се мине овој турнир, но и следниот во Полска на кој ќе настапат првите две селекции од групата А.