Младата македонска репрезентација за одбојкари до 17 години, со пораз го започна својот настап на Балканското првенство што се одржува во Тирана. Машите одбојкарски надежи се поразени од домашната селекција на Албанија со 3:1 во сетови.

Иако во првиот сет нашите одбојкари речиси континуирано ја одржуваа предноста се со 17-15, сепак во завршницата одиграа неколку брзоплети топки па му дозволија на домаќинот да го добие сетот со 21-25.

И во вториот сет нашите надежи имаа подобра игра и предност од три поени во повеќе наврати. Имаа црвено-жолтите и четири сет топки, но не ги искористија па го загубија и тој сет со 27-25.

Конечно во третиот, избраниците на селекторот Ванче Санев, одиграа на посакуваното ниво, а тоа резултираше со освојување на сетот со 25-20.

Во четвртиот сет, повторно голем пад во играта, а тоа мотивираните домаќини знаеја да го искористи, го добија сетот со убедливи 25-18, а со тоа и мечот со 3:1.

Утре во рамките од 2.коло, македонските одбојкари за противници ќе ги имаат врсниците од Србија во мечот што ќе започне од 18 часот, а ќе можете да го гледате во ЖИВО ОВДЕ.