Македонските одбојкари врзаа две победи во низа во Европската Златна лига. Откако ја совладаа Белгија со 3:1, синоќа во драматичен меч ја победија и Хрватска со 3:2, па сега со пет освоени бодови од три одиграни натпревари се на второто место на табелата зад максималната Украина.
Капитенот Никола Ѓорѓиев не го криеше задоволството од победата, но и начинот на кој се дојде до неа велејќи дека е добро што црвено-жолтите до триумфот стигнале по потешкиот пат.
„Можевме да ги победиме и 3:0, но добро е што тоа го сторивме и на потешкиот начин.
Вака селекторот Миленковски заедно со стручниот штаб, но и ние самите ќе видиме најдобро како играме кога имаме големи падови“, изјави меѓу останатото капитенот.
Следува мала (активна) пауза до следната сабота кога на гости во Белгија нашите одбојкари ќе го одиграат четвртиот натпревар.