Македонските одбојкари со двете победи над Белгија и Хрватска покажуваат ново „лице“ и нов карактер во својата игра. Сигурно дека најголема заслуга за тоа има повратникот на селекторското столче Јошко Миленковски.

Искусниот стратег внесе многу новитети во играта на нашите одбојкари, тоа го потенцираа и самите тие во повеќе наврати. Но, она што е можеби најважно, сега репрезентацијата знае и умее како да се издигне и одигра кога е најтешкото.

Тоа најдобро го демострираа на синоќешниот меч со Хрватите кој наместо да го добијат со убедливи 3:0, црвено-жолтите мораат да дадат уште поголем напор и да слават во драматична заврница со 3:2.

„Ова треба да биде проба за она што ни следи.
Вакви натпревари треба да победуваме на Европското првенство, без вакви драматични моменти.
Покажавме карактер и на крај добро испадна“,
истакна селектор Миленковски, по натпреварот со Хрватите.