Македонскиот кошаркарски репрезентативец Виктор Ташовски најавува сигурен триумф против Кипар во претквалификациите за Евробаскет 2029. Машката сениорска селекција на Македонија веќе се подготвува во Скопје за вториот натпревар од втората претквалификациска рунда.

„Целта ни е да победиме. Сметам дека сме поквалитетна репрезентација од Кипар, но тоа треба да го докажеме. Се надевам на полна сала и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, вели Ташовски.

Кипар во првото коло на домашен терен во Никозија ја совлада Австрија со 77-72. Сепак, Ташовски не очекува изненадување на претстојната средба пред македонската публика.

„Со оглед на тоа што победија против селекцијата на Австрија, се работи за добар тим. Имаат нова репрезентација, но не очекувам изненадување на овој натпревар во Скопје“, оценува Ташовски.

Македонија во првиот натпревар од овој циклус убедливо ја победи Австрија со 91-59. Репрезентативците сега се во подобар натпреварувачки ритам и посакуваат уште поквалитетно издание.

„Секако, да. Сега сите сме во тренажен процес. Се надевам дека ќе бидеме комплетни и ќе извојуваме победа со што поголема разлика, на радост на македонската публика“, порачува Ташовски.

Натпреварот меѓу Македонија и Кипар се игра во четврток (26 ноември) од 18:00 часот. Средбата ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.