Европската бајка на Наполетанците заврши вечерва на стадионот ,,Марадона” во Наполи, откако домашните играчи не ја анулираа негативата од еден гол од првиот натпревар во Милано, па „росонерите“ ќе играат во полуфинале.
Натпреварот почна според очекувањата, силна офанзива на Наполи, а Милан се бранеше. Сепак првата голема шанса на натпреварот ја имаа гостите, откако при една контра на Милан, Марко Руи го фаулираше Леао, а судијата Марчињак покажа на белата точка. Ударот од 11 метри не успеа да го реализира Оливие Жиру, поточно Алекс Мерет одлично интервенираше.
Наполи продолжи да напаѓа а Милан одлично се бранеше. Во самиот финиш на полувремето, Португалецот, Рафаел Леао направи спектакуларен пробив и го проигра Жиру кој од непосредна близина ја затресе противничката мрежа, за радост на гостинските навивачи.
Лучано Спалети фрли се на една карта во вториот дел, а неговиот тим се посилно притискаше, а најголемата шанса за враќање во натпреварот ја имаа во 81-та минута, кога Марчињак по втор пат досуди пенал, овој пат за домаќините.
Одговорноста ја презеде Квадрасцкелија, но и тој како и Жиру слабо шутираше, А Мањон уште еднаш покажа зошто со право го сметаат за најдобар голман во Италија.
Трошка надеж за домаќините донесе Виктор Осимен во 93-тата минута кога изедначи на 1-1, но беше предоцна за целосен пресврт, па Милан славеше пласман во полуфинале, прв пат по 16 години.