Актуелниот европски првак Реал Мадрид со рутинска победа на „Стамфорд Бриџ“ обезбеди полуфинале во Лигата на шампиони. 

Избраниците на Карло Анчелоти со идентичен резултат како во првиот натпревар од 2:0 повторно го совладаа Челзи и се пласираа во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Екипата на Франк Лампард одлично го започна натпреварот и по само 10 минути игра, Нголо Канте имаше фантастична прилика за водство.

Во 17-та минута, Родриго биеше кон голот на Кепа Аризабалага, но ја погоди само левата статива. На крајот од првото полувреме(во 45-та минута) Челзи имаше стопроцентна прилика преку Марк Кукуреља, но брилијантната одбрана на Тибо Куртоа го спаси Реал.

Во второто полувреме Челзи со одлична контрола на топката во средината на теренот
продолжи да ги притиска гостите од Мадрид. Но, притисокот ги принуди на грешка која по одличен контранапад на Реал Мадрид во 57-та минута ја искористи Родриго.

„Кралскиот клуб“ во 80-та минута зголеми на 2:0. По фантастичната асистенција на Валверде, Родриго го постигна својот втор погодок на натпреварот. Крајниот резултат беше 2:0.

„Кралевите“ во полуфиналето од Лигата на шампионите ќе играат со победникот од утрешниот натпревар меѓу Баерн Минхен и Манчестер Сити.

Марио Петровски