Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер ќе го одигра вториот натпревар во Лигата на нациите против Словенија во Љубљана.
Селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција пред тренингот најави измени во почетниот состав на националниот тим. Предводникот на нашата репрезентација потенцираше дека играчите се подготвени и одморни за претстојниот предизвик на гостински терен.
„Сите грешки што ги правиме мора да ги исправиме за утрешниот натпревар. Играчите се спремни и одморни, а секако ќе има малку освежување во играчкиот кадар.
Против кого и да играме, мора да го дадеме максимумот на теренот. Досегашните резултати ги оставаме зад нас и се фокусираме само на утрешниот дуел“, изјави Седлоски.
Главна тема пред овој натпревар е лошата реализација, бидејќи Македонија нема постигнато гол на пет меча под негово водство. Седлоски истакна дека стручниот штаб интензивно работи на подобрување на офанзивниот сегмент од играта.
„Работиме на реализацијата за конечно да дадеме гол, бидејќи сакаме офанзивна игра. Противниците во групата се исклучително силни репрезентации и не потценуваме никого.
Се надевам дека утре конечно ќе тргнеме во тој посакуван правец. Погодокот ни е многу потребен и мене и на играчите за враќање на самодовербата“, порача македонскиот селектор.
Утрешниот натпревар меѓу Словенија и Македонија ќе се игра во терминот од 20.45 часот.


































