Градскиот ракометен клуб Охрид со големи амбиции влегува во новата сезона. Охриѓани, кои лани го освоија трофејот во ЕХФ Европскиот куп, во претстојната сезона ќе атакуваат на трофеите во домашното првенство и во Купот.

ГРК Охрид вечерва против Вардар ќе го игра дуелот во финалето на струшкиот ракометен турнир. Веќе во вторник ќе стартува и петтото издание на охридскиот турнир.

Со него, односно со првиот натпревар од меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, ќе почне и продажбата на сезонските билети.

За 3.500 денари, навивачите на Охрид ќе може да обезбедат сезонски билет за сите натпревари од Суперлигата, плеј-офот и натпреварите од Купот. Воедно, тие ќе добијат и дрес од новата едиција на клубот за сезоната 2026/2027.

Во оваа цена не се вклучени европските натпревари, кои Охрид, исто како и лани, ќе ги игра во рамките на Европскиот куп, каде што ќе го брани трофејот.

Сезонските билети ќе бидат пуштени во продажба на билетарницата при СРЦ „Билјанини извори“ од вторник (18.08.2026 година).