Женската одбојкарска репрезентација на Македонија до 20 години, ги дозна ривалите за претстојните Зонски квалификации за Европското првенство 2027 година.

Младите македонски одбојкарки ќе се борат против селекциите на Босна и Херцеговина, Романија и Белорусија во рамките на групната фаза.

Турнирот ќе се одржи од 19 до 23 август во Мостар, каде нашите девојки ќе бараат пласман во следната фаза.

Македонските репрезентативки веќе ги започнаа интензивните подготовки за да ја темпираат формата за овој важен квалификационен предизвик.

Со одлука на Европската конфедерација (ЦЕВ) Русија и Белорусија иако не се дел од Балканската асоцијација (БВА), ќе бидат вклучени во првата рунда квалификации. Во другата група ќе се натпреваруваат: Србија, Турција, Бугарија и Русија. 

На 22 и 23 август ќе се играат натпреварите за пласман, но се уште не е точно дефинирано колку селекции од овој турнир ќе продолжат во следната квалификациска рунда во јануари. Оваа одлука е во зависност од бројот на пријавени репрезентации во другите пет Зонски квалификации.

Распоред на натпреварите на МАКЕДОНИЈА:

19 август, среда | Македонија – Романија 12:00 часот
20 август, четврток | Македонија – Белорусија 14:30 часот
21 август, петок | Македонија – Босна и Херцеговина 19:30 часот