Поранешниот репрезентативец и актуелен функционер на ФФМ, Агим Ибраими, испрати јасна порака пред дуелот меѓу Словенија и Македонија, во Лигата на нациите.
 
Ибраими во гостувањето во емисијата „Под пречка“ направи длабока анализа за состојбите во нашиот национален тим. 
 
Тој посочи дека малата минутажа на репрезентативците во матичните клубови е клучен проблем за квалитетот на играта.
 
„Кога играат, се уморни, кога не играат, се навредени. Ние сакавме да играме за репрезентацијата дури и кога бевме повредени. Не можеш да градиш кариера преку репрезентацијата ако не си стандарден во клубот, тогаш ниту во националниот тим не можеш да бидеш на потребното ниво.“
 
Потоа директно и без влакна на јазикот проговори за односот и менталитетот на дел од денешните фудбалери.
 
„Во модерниот фудбал не ми се допаѓа што се потпираме само на анализи и бројки. Што ни помагаат податоците за трчање ако играчите прават грешки? Фудбалот е страст, улица, мора да се врати тој елемент за сè да биде поинтересно.“
 
За очекувањата од овој циклус во Лигата на Нациите, Ибраими вели дека реално Македонија треба да се бори за опстанок во Б конкуренцијата. 
 


„Мораме да бидеме реални. Во оваа група се репрезентациите на Швајцарија, Шкотска и Словенија, па прва цел мора да биде обезбедување опстанок, а сè што е повеќе од тоа е дополнителен плус.“
 
Ибраими очекува дека вечерва македонските фудбалери ќе одиграат многу подобро отколку во дуелот со Швајцарија што го загубија со 0:3.
 
„Верувам дека нашата репрезентација ќе биде поопасна против Словенија. Ќе бараме грешки во одбраната на Словенија, бидејќи гледаме дека имаат проблеми со транзицијата на противникот. Македонија дефинитивно ќе биде подобра овој пат отколку во последните натпревари“, заклучи Ибраими. 
 
Дали неговите очекувања ќе се остварат останува да видиме во дуелот што ќе почне од 20.45 часот.