Најдобрите македонските одбојкари немаа многу време за одмор.

По обработените базични подготовки во Крушево, добија ден одмор и сега се во Скопје. Тука избраниците на селекторот Јошко Миленковски ќе го одработат вториот дел од подготовки за Европскиот шампионат.

„Како што планиравме акцентот во Крушево беше на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко-тактичка подготовка. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво“. истакна Миленковски. 

Во втората фаза планирано е да се одиграат три контролни натпревари на почетокот на септември, непосредно пред заминувањето на ЕП во Софија.

Делегацијата на 7 септември наутро патува за Софија, каде на 9 септември ќе го игра првиот натпревар на шампионатот против ко-домаќинот Бугарија.

Тоа е дел од Б групата во која за противници Македонија ќе ги има и: Полска, Португалија, Украина и Израел.

Потсетување дека за машката репрезентација на Македонија претстојното ќе биде четвртото континентално натпреварување во низа .