Македонскиот репрезентативец Петар Бошалески (22 години, 197 см) е најновото засилување на МЗТ Скопје во пресрет на новата сезона. Тој денеска официјално стави потпис на договорот со македонскиот шампион.
Станува збор за бек-шутер, кој откако ги мина сите младински национални селекции, летово играше и во сениорската репрезентација на Македонија.
Охриѓанецот своите настапи во домашната Суперлига ги почна како кошаркар на Работнички. Потоа направи трансфер во Пелистер, а минатата сезона ја мина во дресот на Тиквеш. На 27 натпревари бележеше просек од 12,4 поени, 5,6 скока и две асистенции.
Бошалески е третото домашно засилување на МЗТ Скопје за новата сезона, по повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски. Досега се ангажирани и четворица интернационалци: Американците Лесли Ворнер и Ноа Фарахан, босанскиот центар Емир Крајиниќ и српскиот центар Димитрије Николиќ. Договори со клубот имаат и: Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека тренер на екипата останува Васко Атанасов.
МЗТ Скопје во сезоната што следува ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.



































