Од денеска до недела вниманието на македонската спортска јавност ќе биде насочено кон настапите на одбојкарите.
Двете сениорски македонски селекции, женската и машката ќе ги играат последните натпревари од ЦЕВ Европската лига.
Дамите ќе играат пред својата публика во Скопје во СЦ „Бори Трајковски“.
Избраничките на селекторот Милош Гавриловиќ, досега не освоија ниту еден сет, а камоли да се израдуваат на победа. Со оглед на противниците што ќе ги имаат во последните два меча, тешко е да се поверува дека работите ќе се сменат.
Попладнево македонските одбојкарки ги чека дуел со Хрватска, а во недела против Словенија, Двата меча ќе се играат во терминот од 19 часот.

Одбојкарите пак ќе играат во Приштина. Вечерва избраниците на Јошко Миленкоски за противник ќе го имаат домаќинот Косово. Мечот ќе се игра од 20 часот, а во истиот термин утре (сабота) е закажан дуелот против Израел.
Македонските одбојкари во досегашниот тек на Европската лига имаат половичен ефект. Тие ги совладаа Луксембург и Исланд, а загубија од Холандија и Грција.
Потсетување дека ова натпреварување е дел од квалификациите за Европското првенство во 2028 година, но и воигрување на македонската селекција за континенталниот шампионат што ќе се одржи во септември. На него Македонија ќе игра во Софија во група со: ко-домаќинот Бугарија, Украина, Полска, Португалија и Израел.
































