Во рамките на 25. коло од женската Супер лига, екипата на ЖРК Вардар славеше убедлива победа над ЖРК Куманово со резултат 45:28.

Натпреварот започна изедначено, а двете екипи беа во резултатска рамнотежа до 8-та минута, кога вардарки поведоа со 6:4. По почетното водство, домашниот тим постепено ја презеде контролата и започна да ја зголемува предноста. Во 19-тата минута Вардар имаше +4 (12:8), а иако Куманово се обидуваше да ја намали негативата, домаќинките не дозволија пресврт. Со серија од 4:1, Вардар дополнително се одлепи на 16:10, а на полувреме замина со сигурна предност од 20:13.

Во вториот дел вардарки продолжија со доминантната игра. Во 33-тата минута стигнаа и до двоцифрена предност од 24:14, по што целосно го контролираа текот на натпреварот. Куманово не успеа да се врати резултатски, а Вардар од минута во минута ја зголемуваше разликата. Во 52-та минута резултатот изнесуваше 38:25, а до крајот домашниот состав само ја потврди убедливата победа за конечни 45:28.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Трифуноска и Миленовска со по седум погодоци, додека кај Куманово се истакна Павлова со осум гола.

Ивона Кимовска