Ракометарите на Вардар победнички ја заокружија втората фаза по групи во ЕХФ Европската лига.
На гостувањето во Германија, вардарци го совладаа Мелсунген со убедливи 25-34 и го потврдија првото место во групата 3.
Освен почетните 1-0 и нерешените 7-7, се останато беше во знакот на вардарци. Македонскиот вице-првак во раната фаза на натпреварот создаде пет голови предност. Германскиот тим успеа да ја надополни и да израмни на 7-7. По тајм-маутот на Чупиќ, Вардар врза четири гола во низа за водство 7-11. На полувремето „црвено-црните“ заминаа со пет гола предност.
Тоа донесе помирно второто полувреме во кое избраниците на Чупиќ не само што знаеја како да чуваат предноста туку и зголемуваат. На крајот Вардар славеше со девет голови разлика (конечни 25-34).
Со оваа победа Вардар го потврди првото место во групата и директно обезбеди пласман во четвртфиналето. Тие ќе ги чекаат исходите од осминафиналните натпревари кои се предвидени за 31 март и 7 април.




































