Младата репрезентација на Македонија ја забележа првата победа во квалификациите за ЕП 2027.

Во Битола беше совладана селекцијата на Ерменија со 2-1. Воедно, ова е и прва победа на нашата селекција под водство на селекторот Горан Станиќ.

Изедначена игра во првото полувреме, со две шанси во 2-та и 24-та минута за Трајков кој не успеа да погоди од добри позиции. Казната стигна во 38-та минута, кога Ерменците за прв пат влегоа во противничкиот шеснаесетник. Хакобјан го проигра Ховханисјан кој од прва биеше и го совлада Џеков.

Во вториот дел Македонија започна поконкретно и похрабро, а тоа резултираше со погодок на Трајков во 54-та минута. По корнерот кој го изведе Хамза, најдобро во гужвата се снајде Трајков, кој реализираше со удар со глава. Ерменците успеаја да се консолидираат со неколку измени, а потоа на сцена стапи голманот на Ерменците, Давтјан, кој не интервенираше најдобро при еден навидум безопасен удар на Трајков од својата половина и прими по малку “комичен” гол.

До крајот на натпреварот, нашите надежи повторно ја имаа иницијативата и го задржаа резултатот до последниот свиреж на судијата.

Следниот натпревар на младата репрезентација е на 14 октомври против соодветната селекција на Црна Гора.

Гоце Михајлоски