Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, попладнево ќе го игра вториот натпревар во квалификациите за ЕП 2027 година.
По стартниот пораз на гостувањето во Полска пред четири дена, избраниците на селекторот Горан Станиќ ги чека нов тежок натпревар. Противник на црвено-жолтите е селекцијата на Италија која важи за главен фаворит во нашата квалификациска група.
„Фудбалерите се подготвени за Италија. Анализиравме и планот за мечот е направен.
Италија е многу поразлична репрезентација од Полска. Играат различен систем, тактички се на врвно ниво, имаат брзи крила и треба да бидеме многу внимателни“,
порача селекторот Станиќ.
Овој натпревар ќе се игра на реновираниот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, кој по долги години ќе угости една македонска селекција. Според најавите, трибините, чиј капацитет е 8.587 места, ќе бидат исполнети.
Тоа треба да биде и дополнителен мотив за младите македонски фудбалери да го презентираат најдоброто од себе. Дали тоа ќе биде доволно за позитивен резултат и први бодови во квалификациите останува да видиме.
Натпреварот, Македонија – Италија ќе почне во 18.15 часот, а ќе може да го гледате ВО ЖИВО низ тв пренос на МРТ3.




































