Екипата на Маџари е четвртиот и последен учесник во полуфиналето од разигрувањето за пополнување на две места во Првата лига за наредната натпреварувачка сезона.

Ова откако во третиот и решавачки меч во четвртфиналната серија, беа доста подобри од штипски Соколи 1933 и прославија победа (94:70) за втор поен во серијата и пласман во најдобрите четири екипи кои ќе се борат за два прволигашки билети.

Немаше многу неизвесности во т.н. „мајсторка“ која се играше во салата „Наум Наумовски-Борче“. Од почетокот домашната екипа наметна силно темпо, предводени од капитенот Милков, Маџари брзо се стекна со солидна предност. На истекот на првата четвртина беше двоцифрено (22:12), а до крајот на првото полувреме уште поубедливо (53:35).

Во ист стил играа домашните кошаркари и по паузата, и доста лесно го скршија отпорот на штипјани кои во оваа серија имаа сили само за победа на домашен терен.

Милков, со 25. реализации го водеше Маџари кон полуфиналето и серија против екипата на Шкупи. Настовски го следеше со 17, Паоло Блажевски постигна 16, неговиот брат Карло Блажевски имаше 13.поени. Во штипскиот состав, Костадинов беше стрелец на 24.поени, а Дуев имаше уште 12.

Од претходно беше познато дека втората полуфинална серија, која треба да даде уште еден финалист, ќе ја играат екипите на МКК Куманово и Ангели.

ВТОРА ЛИГА (МАЖИ) – ПЛЕЈОФ ПОЛУФИНАЛЕ
МКК КУМАНОВО – АНГЕЛИ
ШКУПИ – МАЏАРИ
*во две победи