,,Топ Ган,, Маверик Вињалес од тимот на Априлија откако победи на спринтот, вечерва се радуваше и на победата на трката за ГН на САД во Остин, Тексас.

На тој начин шпанскиот мотоциклист испиша нова истроија во кралската класа во Мото ГП шампионатот. Стана првиот кој победил со три различни мотори во кариерата.

Вињалес победуваше со Сузуки и Јамаха, а сега и со Априлија. Победата во Остин е пра за него по 2021 година кога победи во Катар на отворањето на сезоната.

Вињалес лошо стартуваше од првата позиција, падна на 11.место, но на десет круга до крајот го презеде водството.

На крајот прв ја мина целта со две секунди предност пред фантастичниот дебитант неговиот сонародник Педро Акоста.

Токму пак Акоста стана најмладиот во историјата во кралската класа кој се искачил на подиумот на две трки по ред.

На претходната трка во Португалија го освои третото место.

Трет низ целта мина Енеа Бастианини од тимот на Дукати, кој го мина Хорхе Мартин на два круга до крајот.

Шампионот Франческо Бањаја заврши како петти, а Марк Маркез излета од патеката на половина од трката во моментот кога беше на водечката позиција.

До 10-тото место се пласираа, Џанантонио, Еспаргаро, Безеки, Биндер и Фернандез. 

Кај возаците Мартин е прв со 80 бода, Бастианини е втор со 59, а Вињалес се проби на третото место со 56 бода. 

Следната трка се вози за две недели кога на програмата е 4-тата трка во Херез за ГН на Шпанија.