Градското дерби меѓу Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити од 27.коло во англиската Премиер лига го добија избраниците на Пеп Гвардиола со 3:1 на „Етихад“.

Играч на натпреварот беше Фил Фоден кој со два погодоци го „реши“ Манчестер Јунајтед и му донесе важна победа на својот тим.

Натпреварот одлично започна за гостите кои уште во осмата минута дојдоа до предност од 1:0. Прекрасниот волеј удар на Маркус Рашфорд од далечина заврши во мрежата на Едерсон за водство на „црвените ѓаволи“.

Манчестер Сити имаше огромни шанси пред крајот на првиот дел, а најголемата, стопроцентна шанса ја имаше Ерлинг Халанд во 45 минута, кога го промаши празниот гол на Андре Онана од еден метар.

„Граѓаните“ во второто полувреме влегоа поубедливи и за само 11 минути (56-тата) игра дојдоа до изедначување на 1:1. Стрелец на извонредниот гол на Сити беше Фил Фоден кој од работ на шестнаесетникот ја погоди малата мрежичка и Онана остана немоќен.

Истиот играч му го донесе и пресвртот на Сити (2:1) во 80-тата минута од натпреварот по прекрасната акција и асистенција на нововлезениот Хулијан Алварез.

Конечните 3:1 ги постави Ерлинг Халанд во првата минута од судиското надополнување, постигнувајќи го својот 18-ти погодок оваа сезона.

Сити со овој триумф му се доближува на лидерот на табелата, Ливерпул, на само бод пред меѓусебниот дуел на „Енфилд“ кој ќе се одигра следното коло.