Битола ќе биде домаќин на завршницата на кошаркарскиот Куп на Македонија. Затоа пелистерци имаат и големи амбиции, освојување на трофејот.

Задачата нема да биде лесна, почнувајќи од првата рунда. Пелистер во четвртфиналето за противник го има Феникс, од кого лани беше елиминиран во полуфиналето.

Затоа битолската публика па и играчите ќе сакаат за ги израмнат старите „долгови“.

„Очекувам дека Битола како прво ќе се покаже како одличен домаќин.

Феникс е традиционално незгоден ривал и пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас.

Добро ќе се подготвиме за она што не очекува во четврток. Во моментов сме фокусирани само на Феникс. Воопшто не размислуваме на ништо друго“, изјави стратегот на „пелистерци“, Дарко Радуловиќ.

Феникс лани приреди изненадување со пласманот во големото финале, а скопскиот клуб ќе допатува во Битола со уште поголем оптимизам, најавувајќи атак на трофеј.

„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток.

Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, натпреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот“, изјави тренерот Денис Дервишевиќ.

По мечот меѓу Пелистер и Феникс (четврток, 19.30 часот) ќе го дознаеме последниот полуфиналист во Купот на Македонија.