Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го одигра првиот натпревар во Нови Сад. Таму се игра четвртиот турнир во АБА2 лигата.

Аеродромци на овој турнир отпатуваа по двата врзани порази во домашното првенство од ривалите Пелистер и Работнички.

Претстојните три натпревари ќе бидат и испит за тренерот Васко Атанасов, па евентуален неуспех сериозно ќе го разниша неговото столче.

Првиот испит е словенечката екипа Шенчур во дуел од 8-то коло.

МЗТ со четири победи е шестото место на табелата. Шенчур со една помалку е во групата на четири екипи зад македонскиот првак.

Затоа овој натпревар ќе биде од огромна важност за двата тима, за да останат во игра за позициите што водат во плејофот.

„Теоретски се уште сме во игра за плејоф. Се додека постои оваа можност, ќе се бориме.

МЗТ Скопје лани беше во првата АБА лига и сигурен сум дека сака да се врати таму.

Сепак ако сме „вистинските“, тогаш можеме да играме со која било екипа“, изјави тренерот на Шенчур, Миљан Павковиќ. 

Натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Шенчур е последниот од денешната програма и ќе се игра во терминот од 21 часот.