Македонскиот олимписки комитет (МОК) синоќа на свечена церемонија „Златна Олимпија“ им додели признанија на најуспешните жени во спортот за 2023-та.

Годинешниот лауреат за најуспешна спортистка е Мери Акиевска, светската шампионка во бодибилдинг.

За најдобра млада спортистка е прогласена теквондистката Милијана Релиќ, за освоениот бронзен медал на Европското првенство до 21 година.

Наградата за најдобра женска репрезентација замина кај фудбалската селекција Македонија У17. Младите фудбалерки избори за пласман од лига Б во лига А за квалификациите за Европското првенство.

Признанието за спортски подвиг на 2023 година го доби Благица Владимирова која го совлада најтешкиот предизвик за искачување во светот, Еверестинг.

Признанието „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка со попреченост заврши во рацете на Јулијана Петровска. Таа освои сребрен медал во дисциплината скок во далечина на Специјални олимписки игри во Берлин, Германија.

За најуспешен женски тренер е прогласена Билјана Црвенковска која како помошник-тренер и помогна на ракометната екипа на „Алкалоид“. Црвенковска како помошник-тренер го освои  второто место во машката Супер лига, а  со сениорската репрезентација обезбеди пласман на ЕП 2024 година.

За најуспешна спортска судијка е прогласена Анета Павловска, која суди на најголемите тениски турнири во светот „Ролан Гарос 2023“ и полуфиналиња на „Вимблдон 2023“.

Најуспешна спортска менаџерка е Билјана Кузмановска–Николовска. Признанието го доби за организација на повеќе атлетски манифестации.

Наградата за најуспешна спортска новинарка ја понесе Јана Серафимовa–Петровска, новинарка и водителка на телевизијата Телма и автор на емисијата за спорт „Фер-плеј“.

За најуспешна федерација во унапредување на родовата еднаквост го понесе Велосипедската федерација на Македонија.

На огромно задоволство на присутните, статуетката „Златна Олимпија“ за животно дело отиде во рацете на Катица Димова, членка на југословенската репрезентација во спортска гимнастика и кандидат за Олимписки игри во 1960 година во Рим.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, им честиташе на сите добитници на наградите, изразувајќи големо задоволство од напредокот и успесите што ги постигнуваат спортистките во земјава, но и на интернационалните натпреварувања.