Фудбалската федерација на Македонија со одлука на Управниот одбор го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски.

Милевски останува на селекторската функција до крајот на квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2026, под истите услови како и досега.

Во образложението на ФФМ на својата веб страна се вели:

„Фудбалската федерација на Македонија, како и досега, ќе биде полна поддршка за селекторот Благоја Милевски и репрезентацијата. Се радуваме на новите предизвици и успеси.

Длабоко сме убедени дека со голема страст и амбиција, селекторот и неговиот тим ќе продолжат да работат за напредок на македонскиот репрезентативен фудбал.

Изминатите неколку месеци и натпреварите кои ги одигра македонската А репрезентација ни потврдија дека заеднички сме на вистинскиот пат.

Во тимот се чувствува енергија и амбиција за нови големи резултати и уверени сме дека тоа е неверојатен мотив за работата во иднина“.

ОУ на ФФМ заради грубо кршење на одредбите на Статутот  изрекува суспензија во траење од 2 години на ОФС Струмица.

„Фудбалските клубови – членки на ОФС Струмица, продолжуваат со натпреварувањето во тековното првенство во истиот ранг на натпреварување каде се натпреварувале пред носење на оваа одлука, а во сезоната 2024/25 во рангот каде оствариле пласман.

Членовите на суспендираната членка нема да трпат спортски последици од изречената суспензија односно: Фудбалските судии и контролори, членови на ОФС Струмица продолжуваат со активно вршење на функцијата на листите каде тековно се наоѓаат согласно правилата за судии и судење.

До носење на наредна одлука, Комисијата за регистрација на ОФС Штип ќе ги извршува сите активности согласно своите надлежности и за клубовите и фудбалерите членови на ОФС Струмица.