Одбојкарите на Шкендија нема да играат во главната „шампионска“ фаза во Првата машка лига. Ова откако тетовци попладнево беа совладани на гостувањето кај Штип УГД со 3:0 во сетови.

Гостите од Тетово добро го отворија мечот и поведоа со 3-8. Но, домаќините брзо ги консолидираа редовите. Се играше израмнето се до 14-14, по што следуваше нова серија на штипјани. Тој период се покажа и како решавачки па Штип УГД го доби сетот со 25-17.

Во вториот и третиот сет штипјани едноставно доминираа и не им дадоа никаква шанса на противниците да се понадеваат барем на освоен сет.

Вториот сет го добија со 25-18, а третиот со 25-17, за максимални 3:0 во сетови.

Со оваа победа Штип УГД се врати на 2.место на табелата, зад шампионот Струмица, а со ист скор како и Лирија. Покрај ова трио во втората фаза на шампионатот ќе играат и екипите на: Весна Пробиштип, Работнички и Универзитет во Тетово.

Шкендија ќе разигрува за пласман од 7 до 12 место.

Оваа 10-та рунда ќе биде заокружена утре со натпреварот Македонија Џио – Работнички.

ТАБЕЛА: Струмица 10-0, Штип УГД 8-2, Лирија 8-2, Весна Пробиштип 7-3, Работнички 6-3, Универзитет во Тетово 6-4, Шкендија 5-6, ГОК Борец 4-6, Сушево 2-8, Јанта волеј 2-8, Вардар 1-9, Македонија Џио 0-9.