Одбојкарите на Струмица ја остварија и деветтата победа во Првата машка лига. 

Актуелниот шампион без поголема мака го доби мечот на гостувањето кај Штип УГД со 3:0 во сетови.

Во првиот сет струмичани брзо се одлепија на три-четири разлика. Во продолжението таа предност само ја зголемуваа, па сетот го добија убедливо со 25-14.

Во вториот домаќините беа рамноправни до 6-6, по што следеше серија на гостите од 7-0. До крајот на сетот штипјани освоија само уште шест поени и го загубија со 12-25.

Речиси по ист терк се одигра и третиот сет. Израмнети 6-6, па серија за 13-6 за Струмица, по што домаќините успеаја да се доближат на -2 (11-13 и 12-14). Следуваше нова серија на шампионот за водство 19-12. Тоа беше недостижно за штипјани, па Струмица го доби и тој сет со 25-19 за конечни 3:0. 

За шампонот тоа беше деветтата победа во исто толку одиграни натпревари, а штипјани како и Лирија која е на второто место имаат по две помалку.

ТАБЕЛА: Струмица 9-0 (победи-порази), Лирија 7-2, Штип УГД 7-3, Весна Пробиштип 6-3, Шкендија 5-4, Работнички 5-3, Универзитет во Тетово 5-4, ГОК Борец 4-5, Јанта волеј 2-6, Сушево 2-7, Вардар 1-8, Македонија Џио 0-9.