Ракометарите на Алкалоид го освоија првиот европски бод откако на гостувањето во Логроњо одиграа нерешено со шпанската екипа Ла Риоха 29:29 (18:15).

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа квалитетен натпревар и го реализираа последниот напад преку Александар Петковски на десет секунди до крајот на натпреварот за изедначување од 29:29.

Дуелот почна со доминација на домашниот тим и водство, кое Алкалоид го анулираше и во 14.минута беше 7:7. По водството од 9:7 за домашниот тим Алкалоид направи серија од 3-0 за водство од 10:9. Но, брзо шпанскиот тим се врати во водство кое на полувреме беше 18:15.

Вториот дел продолжи со доминацијата на шпанската екипа, но по 20:16 следуваше серија на Алкалоид од 5-0 и прво водство во вториот дел од 21:20. Македонскиот тим имаше водство до 25:24, но домашниот тим направи серија од 4-0 и поведе со 28:25. До крајот на дуелот шпанскиот тим постигна само еден гол, а Алкалоид успеа да се избори за нерешен резултат.

Најефикасен на дуелот беше Арно Бинго (Алкалоид) со 8 голови, додека Иван Џонов постигна 6, а кај Ла Риоха најпрецизен беше Рамос со 7 голови. Голманот Благојче Трајковски натпреварот го заврши со 10 одбрани.

Во вториот дуел од групата од Лига Европа Војводина забележа минимална победа од 29:28 над Силкборг.

Војводина е прва во групата со 4 бодови, пред Силкеборг со 2, Алкалоид и Ла Риоха имаат по 1. 

Алкалоид следниот натпревар го игра на домашен терен на 14.ноември против Силкеборг на домашен терен.