Македонскиот првак Еурофарм Пелистер попладнево ќе игра против Пролет во Супер лигата, а веќе во четврток гостуваат во Париз.

Пелистерци ги очекува тежок меч против фаворитот ПСЖ во рамките од 4.коло на Лигата на шампионите.

Францускиот тим ја има улогата на апсолутен фаворит, смета Марио Танкоски, но ние нема лесно да се предадеме, вели тој.

„Многу ни значи тоа што одигравме одличен натпревар против Кил. Влијае тој натпревар на самодовербата, иако не победивме, а имавме можност за тоа. Се подигнавме психички, па тоа ни е добредојдено за следните предизвици.

ПСЖ е најсериозен испит сезонава. Заедно со Киелце, сметам дека нашиот следен противник е најсилната екипа во групата, па и во Европа.

Имаат променет составот од минатата сезона, им треба време да се воиграат, но имаат екстра-квалитет. Сепак, се екипа од дваесет милиони евра, тука е голема разликата со нас.

Треба да одиграме најдобро што можеме, па што биде, нека биде“, вели Танкоски.

Натпреварот од „А“ групата меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер ќе се игра во четврток од 20.45 часот.