Македонската фудбалска репрезентација забележа нова победа во квалификациите за Европското првенство. На гостински терен совладана е репрезентацијата на Малта со 2:0.

Нашите репрезентативци имаа одличен почеток и рано дојдоа до водство. Во 5-минута Енис Барди асистираше за Елиф Елмас, а овој со одличен удар донесе предност од 1:0 за Македонија.

Малта создаде неколку прилики но беше далеку од израмнување.

Македонија доби корнер во 42-минута, а после центаршутот на Енис Барди, Јован Манев го постигна својот дебитантски погодок во третиот настап и го зголеми водството на 2:0.

Второто полувреме започна доста мирно, а нашите репрезентативци ја контролираа играта.

Првата сериозна шанса дојде во 68-минута кога Езѓан Алисоки со силен шут ја затресе стативата од голот на Малта.

Бојан Миоски беше следниот кој се закани во 80-минута, но не успеа да постигне погодок.

Ова е втора победа во овие квалификации за Македонија и повторно над Малта.