Машката македонска одбојкарска репрезентација е поразена од Италија во осминафиналето на Европското првенство.

Очекувано актуелниот светски и европски шампион Италија, пред својата публика во Бари, ја победи Македонија со 3:0 во сетови.

Јасно им беше и на нашите одбојкари дека шанса за чудо е невозможна, но она што радува е начинот на кој ја „продадоа“ својата кожа.

Избраниците на Јошко Миленковски излегоа да уживаат, да се надигруваат со Азурите, па тоа и го направија.

Се бореа за секој поен, за секоја топка, пружија достоен отпор, но не доволно да направат сензација.

По сетови Италијанците ни препуштија 20 во првиот, 12 во вториот и 15 во третиот.

Така Италијанците очекувано се пласираа во четвртфиналето во кое за противник ќе го имаат подобриот од мечот Холандија – Германија.