Машката кошаркарска репрезентација на Македонија е во Талин. Таму од утре до понеделник ќе ги игра  натпреварите од пред-квалификациите за Олимпијадата во Париз.

За капитенот Војдан Стојановски, овие натпревари ќе бидат тест за можностите на тимот, но истовремено и можност за прибирање искуство за помладите играчи.

„Ова сум го кажал во доста прилики, и тоа останува и за оваа. Ние како екипа, кои сме тука во Талин, ќе дадеме се од себе да се прикажеме во еден добро светло и да стигнеме до еден добар резултат“, вели Стојановски.

Македонија ќе има три квалитетни противници, Чешка, Израел и домаќинот Естонија.

„Што се однесува до противниците, станува збор за доста добри репрезентации. Во изминатиот период видовме со кој потенцијал ќе дојдат тука во Талин. Оттука сметам дека ова ќе биде еден добар тест, да видиме колку можеме во еден ваков состав, во кој има неколку измени. Но, во исто време да биде и едно искуство плус за оние помладите играчи во репрезентацијата пред кои следуваат и други вакви, слични предизвици“, додава капитенот.

Според програмата, турнирот ќе го отворат Естонија и Чешка (15 часот),  а од 18 часот, Македонија ќе игра против Израел.