На стадионот ,,Билјанини извори“ во Охрид, екипата на Струга ТЛ ја угости екипата на Будуќност, во рамките на второто квалификациско коло на Конференциската лига. Струга ТЛ успеа да слави минимално 1:0 и со оваа предност ќе патува во Подгорица.

Првото полувреме и припадна во целост на екипата на Струга. Бесарт Ибраими прв се закани во 7-мата минута, но неговиот обид беше неуспешен. Потоа се редеа нови шанси на Бесарт Ибраими, Марјан Радески и Бесмир Бојку. Во 28-мата минута одлична асистенција од страна на Марјан Радески и погодок на Бесарт Ибраими за водство на Струга ТЛ. Стружани до самиот крај на првиот дел имаа уште некоја прилика но сепак резултатот остана 1:0.

Вториот дел започна повторно со иницијатица на Струга ТЛ, а прв се закани Бунјамин Шабани во 50-тата минута. Потоа се умртви играта и до следна шанса се чекаше 20 минути, кога Лука Мирковиќ се закани со удар од далечина, но за малку беше непрецизен. До самиот крај немаше посериозна шанса за промена на резултатот.

Реваншот помеѓу овие две екипи е закажан на први август.