Екипата на Маџари следната сезона ќе настанува во Втората македонска кошаркарска лига. Тимот кој беше формиран минатата сезона, а настапуваше во третата лига, се договори со КК Струмица.

Маџари во разигрувањето не успеа да се вброи меѓу двата тима кои изборија второлигашки статус.

Од друга страна, Струмица го изгуби прволигашкиот.

Сепак. Управите на двата тима постигнаа договор, па Маџари следната сезона ќе игра во Втората лига.

Потврдата за оваа информација стигна и од управата на КК Маџари преку објавата на нивната официјална Фејсбук страна.

Објавата ви ја пренесуваме во целост.

Голема победа: Маџари ГБ следната сезона ќе игра во – Втората лига!

Без разлика на „тесната“ и по малку несреќна елиминација во клучната полуфинална серија во третолигашкиот плејоф минатата сезона, нашиот КК Маџари Гази Баба продолжува по зацртаните стапки и следната сезона ќе игра таму и каде што посакувавме – во Втората лига.

Управата на клубот летово речиси 24 часа на ден работеше за остварување на оваа цел, што е само прв чекор до тоа кон што се стремиме, а тоа е играње со најдобрите во македонската елита и денеска конечно успеа во тоа. КК Маџари ГБ како амбициозен проект, позади кој стојат квалитетни, искусни, но пред се луѓе вљубени во кошарката и во оваа екипа, успеа да договори преземање на клубот, а со тоа и на второлигашкото место од КК Струмица.

Договорот е веќе потпишан, што значи дека во втората година од возобнувувањето, нашиот клуб ќе се пријави за настап во второлигашката конкуренција, каде што ќе покажеме дека и заслужено припаѓаме. Ова е награда за сиот труд на нашите кошаркари, тренери, стручниот штаб и пред се на управата, но и мотив за уште посериозна и понапорна работа. Доказ дека со вистински луѓе и со голема љубов кон тоа што се прави, ништо не е неостварливо.

Од денеска почнуваме со креирање на тимот, како на теренот така и надвор од него, со кој не само што сториме се за да обезбедиме опстанок во Втората лига, туку и да создадеме основа за прераснување во стабилен бренд со кој не само што ќе се гордее нашата населба и нашите навивачи, туку и цела општина Гази Баба од која добиваме голема помош и на која природно ѝ припаѓаме.