На Светското првенство во спортови на вода од недела и Македонија ќе има свои претставници.

Традиционално Македонија е претставена со спортисти кои се дел од пливачките дисциплини и како што е вообичаено тие на стартот се дел од квалификациите. Македонската пливачка експедиција со многу проблеми едвај отпатува за Фукуока, Јапонија. Проблем беа средствата за патување и сместување, кои беа обезбедени во последен момент.

Прв на стартот во квалификациите ќе се појави нашиот најмлад учесник на ова СП Никола Ѓуретановиќ. Тој ќе плива во квалификациите во дисциплината 400 метри слободно. Ќе стартува во втората од 6-те групи во 03:53 часот по македонско време.

Утре на стартот во истата дисциплина само кај жените ќе се појави и Ева Петровска и таа е дел од втората група од вкупно петте. Нејзиниот старт во квалификациите е во 05:02 часот.

Покрај Петровска и Ѓуретановиќ за Македонија ќе настапат уште Миа Блажевска Еминова и Андреј Стојановски.

Во понеделник и во вторник, македонските пливачи немаат настап, а потоа од среда до сабота ќе имаат настапи во квалификациите.

Секој од македонските пливачи ќе настапи во две дисциплини.

Финалните трки почнуваат во 13 часот по македонско време.

Македонските пливачи ќе настапат во следниве дисциплини (по денови):
23.јули (недела) Ева Петровска (800 слободно) и Никола Ѓуретановиќ (400 слободно)
26.јули (среда) Миа Блажевска Еминова (50 грбно) Никола Ѓуретановиќ (200 мешано)
27.јули (четврток) Миа Блажевска Еминова (100 слободно) Андреј Стојановски (200 градно)
28.јули (петок) Ева Петровски (800 слободно)
29.јули (сабота) Андреј Стојановски (50 грбно)