Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, денеска официјално го пуштија во употреба новиот базен кај спортската сала „Наум Наумовски Борче“ во Скопје.

Станува збор за базен од затворен тип со должина од 25 метри и ширина од 9 метри, кој по пуштањето во употреба, ќе биде предаден во владение на Општина Карпош.

Изградбата на базенот започна во 2023 година од тогашната Агенција за млади и спорт, но проектот подоцна беше оставен недовршен. Министерството за спорт, во рамките на Програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, го отпочна процесот на откочување на затекнатите и заглавени инфраструктурни проекти, обезбеди средства и ја заврши нивната реализација со цел тие што поскоро да бидат ставени во функција на спортот и на граѓаните.
>Министерот за спорт Борко Ристовски ја истакнаа важноста на инвестициите во спортската инфраструктура како предуслов за развој на спортот, рекреацијата и здравите животни навики кај младите.

„Министерството за спорт продолжува со реализацијата на сите оние капитални проекти коишто беа заостанати. Имаме обврска да ги завршиме проектите кои ги затекнавме на почеток на градба и да ги ставиме на располагање на граѓаните. Ова е шестиот базен кој Министерството за спорт го завршува или е во завршна фаза, а ја почнуваме и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци. Продолжуваме да инвестираме во она што сметаме дека е најважно, а тоа е спортската инфраструктура – рече министерот Ристовски нагласувајќи дека ваквите инфраструктурни проекти имаат голема важност.
-Ова е еден од оние проекти кои имаат не само спортска, туку и многу поголема важност бидејќи тие се наменети првенствено за најмладите, да пливаат, да спортуваат и да учат вистински вредности. Упатувам благодарност до претседателот на Владата за поддршката и до Општина Карпош за добрата соработка, затоа што базенот беше завршен уште пред неколку месеци, но не можевме да го пуштиме во употреба заради сите оние технички работии поврзувања кои не можевме да ги направиме на време. Со доаѓањето на новото раководство во Општина Карпош ги завршиме тие работи и денеска го отвораме базенот и го предаваме на владение на Општина Карпош“,  посочи Ристовски.

Поздравувајќи ја реализацијата на овој проект, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски нагласи дека „ветувањата што се дадени треба и да се реализираат“ и дека Владата ќе продолжи да работи посветено во таа насока и во наредниот период.

„Човек не може да не биде задоволен кога ќе направите нешто добро, корисно за заедницата и пред сѐ за најмладите. Посакувам во наредниот период да имаме уште многу вакви проекти, да отпочнеме нови и оние што се отпочнати да ги завршиме бидејќи сите оние ветувања кои се дадени треба и да се реализираат, во таа насока е и овој проект. Ние како Влада продолжуваме посветено да работиме заедно со општините во насока на завршување на проектите коишто преку две Програми и два повика од Министерството за локална самоуправа беа објавени, некаде околу 350 милиони евра. Сите оние други проекти коишто Министерството ги финансира преку други програми со директна инвестиција од Владата до општините за капитални инвестиции ќе бидат постапно реализирани.Тоа е инвестициската активност којашто оваа Влада во изминатите нецели две години ја релизира, најмногу во соработка со општините, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот што следи – рече Мицкоски.

Со завршувањето на базенот во Карпош продолжува реализацијата на проектите за изградба на затворени базени низ државата. Претходно беа завршени и предадени на општините базените во ООУ „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода и во Штип, а наскоро во употреба ќе бидат пуштени и затворените базени во Битола, Кичево и во Општина Ѓорче Петров, а Министерството за спорт ја почна и изградбата на базените во Струмица и во Кавадарци.

Инвестициите во спортската инфраструктура се еден од клучните приоритети во работата на Министерството за спорт и претставуваат основа за создавање подобри услови за работа на спортистите, развој на младинскиот спорт и поголема достапност на спортските содржини за сите граѓани. Со реализацијата на овие проекти, Министерството за спорт создава современи услови за развој на пливањето, рекреацијата и спортот воопшто, обезбедувајќи спортска инфраструктура која ќе биде достапна за што поголем број граѓани низ целата држава.