Екипата на Охрид денеска ги започна подготовките за ракометна сезона, во која клубот влегува со сериозни амбиции.

Новиот тренер Стевче Алушовски, го одржа првиот тренинг, пред чиј почеток се обратија и членови на управата

„До 9 август сме во Охрид кога играме контролен меч со Еурофарм Пелистер во Битола. На 10 август одиме на базични подготовки во Маврово каде ќе одиграме еден натпревар со Вардар на 12 август. Во Маврово сме до 18 август кога се враќаме во Охрид каде ќе се подготвуваме за вториот меморијален турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ што ќе се одржи од 23 до 26 август во организација на ГРК Охрид. До почетокот на првенството на 9 септември можеби ќе одиграме уште еден подготвителен натпревар“, изјави спортскиот директор на ГРК Охрид Славчо Ристески.

За новата сезона клубот до сега ангажираше вкупно осум засилувања, четворицата македонски репрезентативци. 

Глманите Даниел Ѓорѓески и Бобан Ристевски, левото крило Гоце Ојлески, десното крило Никола Стоилевски и специјалистот за одбрана Милорад Кукоски. Дресот на ГРК Охрид ќе го носат и младиот босански репрезентативен голман Берин Бркиќ, Грузиецот, Теимураз Орјоникидзе, како и хрватскиот интернационалец Рудолф Звонимир Сафранко.

На симболичен начин, Крсте Андоновски му ја предаде капитенската лента на новиот предводник на играчите, Иван Тасески.