Француската престолнина Париз е домаќин на најдобрите пливачи од „Стариот“ континент. Во градот на „светлината“ се одржува Европскиот шампионат во водени спортови. Таму денеска стартуваа натпреварите во пливање.
На овој шампионат Македонија ќе биде претставувана само од еден натпреварувач.
17 годишниот олимпиец Никола Ѓуретановиќ ќе ги брани боите на нашата земја. Тој е пријавен во две трки во дисциплината слободен стил.
Според пријавната листа, првиот настап Никола ќе го има во четврток (13 август) во квалификациите на 200 метри, чиј почеток е закажан за 9.30 часот. Во истиот термин (9.30 ч.) во недела (16 август), е закажан почетокот на квалификациите на 400 метри слободно.
Какви (не)услови имаат македонските пливачи години наназад, само може да се надеваме дека Ѓуретановиќ ќе ги исплива и подобри своите најдобри времиња.





































