Македонскиот шампион Струга Трим Љум во своето деби во квалификациите за Лигата на Шампионите ќе се соочи со литванскиот шампион, тимот на Жалгирис.

Избраниците на Шпетим Дуро веќе два дена се во Литванија каде одработија неколку тренинзи во пресрет на вечерашниот натпревар.

Стружани се во улога на апсолутен аутсајдер, па според квотите на кладилниците, литванскиот претставник има дури 4 пати поголеми шанси да се радува на победата.

Дополнителен проблем е и лошата форма од подготвителниот период, пред eвро-настапите. Tимот на Струга ТЉ, на три одигра средби, забележаа два порази, од Тирана со 2:1 и Партизани со 1:0, а еднаш ремизираа, против тимот на Балкани со 2:2.

Предност за Жалгирис е тоа што тие се во натпреварувачки ритам, со оглед на тоа дека тамошното првенство е во полн ек.

Добра вест во целата приказна е што тренерот Дуро на располагање ги има сите играчи, па предводени од Бесарт Ибраими во нападот ќе се обидат да приредат изненадување, или барем да дојдат до активен резултат, па на реваншот во Охрид да бараат пласман во следното коло.

Натпреварот е со почеток од 18:00 часот, а главен судија ќе биде Елчин Масијев од Азербејџан