Со очекуван пораз од Украина машката одбојкарска репрезентација на Македонија го заокружи својот дебитантски настап во Европската Златна лига.

Македонските одбојкари вечерва во СЦ „Борис Трајкоски“ во Скопје загубија од фаворитот Украина со 3:0 во сетови.

Иако гостите полесно го добија првиот сет со 25-18, во вториот се изнамачија. Имаа нашите одбојкари и шест поени предност 20-14, но како да се исплашија од дадената шанса. Му дозволија на противникот да се врати во игра и со 26-24 да го добие и тој сер.

Дека Украина е неприкосновена во Ц групата потврди и во последниот сет кој го доби со 25-23 а конечни 3:0, со што украинскиот национален трим со максимален број на победи и освоени сетови ја заокружи групната фаза и се пласира на завршниот турнир во Хрватска.

Македонската селекција со две победи го заокружи своето деби во Златната лига, која за селекторот Миленковски и неговите избраници беше само добра проба за загревање и воигрување за она што претстои. Тоа е Европскиот шампионат чиј ко-домаќин ќе биде и нашиот главен град Скопје, од 30 август до 6 септември.