Тимовите на Лацио и Интер со победи ја затворија сезоната во Италија, за конечен пласман на втората односно третата позиција на табелата.

Избраниците на Симоне Инзаги, кои иако со мислите се во Истанбул, каде ги очекува финалето во Лигата на Шампионите, сепак денес одиграа прибрано и на ниво, па со минимална победа од 0:1 го совладаа Торино.
Победничкиот гол за ,,Нероаѕурите” беше дело на Хрватот, Марцело Брозовиќ, кој во 37-та минута со одличен удар од 20 метри го совлада Милинковиќ Савиќ.

Покрај Брозовиќ, најзаслужен за победата на Интер беше ветеранот Самир Хандановиќ, кој правеше чуда на голот и потсети на најдобрите негови денови, кога беше најдобар голман на Чизмата.
Со оваа победа Интер е на третата позиција и со 72 бода е недостижен за четвртопласираниот Милан.

Сигурна победа забележа и Лацио, кој на гостувањето кај Емполи со 0:2 дојде до втората позиција на табелата.
Избраниците на Маурицио Сари одиграа доминантно и сосема заслужено на крајот се радуваа на победата.
Водство за ,,Бланкочелсетите” од Рим донесе стоперот Ромањоли, кој во 47-та минута  беше највисок во противничкиот шеснаесетник и го совлада противничкиот голман.
Конечните 0:2 ги постави асистентот на првиот гол, Луиз Алберто, кој во 92-та минута, на додавање на Имобиле, одлично шутираше и го остави немоќен голманот Викарио.