Еден натпревар, 90 минути или по потреба и 120 па дури и пенали ќе ја одлучат судбината на Рома и Севиља во оваа сезона, а со тоа ќе ја одредат и наредната.

Само еден тим, вечерва од стадионот во Будимпешта ќе си отиде среќен, со европски трофеј и учество во Лигата на Шампионите следната година.

Рома на својата клупа го има ,,бесмртниот” Жозе Мурињо, човекот кој никогаш не изгубил финале во Евро-куповите, победил во сите пет во кои играл. Единствениот тренер со титула во сите европски натпреварувања.

Од другата страна пак е Севиља, тим кој е господар на Лигата на Европа, и рекордер по бројот на освоени титули: вкупно шест од исто толку финалиња.

Кога велиме натпревар кој ќе ја одреди сезоната и на двата тима, не мислиме само заради тоа што ќе донесе трофеј, туку затоа што и двата тима ја жртвуваа сезоната за да дојде до овој натпревар и оваа шанса.

Севиља е дури десетта во Примера, а Рома е на шестата позиција во Италија, што значи дека Лигата на Шампионите единствено е достижна преку победа во Будимпешта. Победа која ќе значи поголем буџет, нови засилувања и можност за многу подобра следна сезона.

Тренерот на шпанскиот тим, Хозе Луиз Мендилибар нема да може да смета на Маркус Акуња кој заработи црвен картон во полуфиналето против Јувентус, додека пак кај Рома со повреда се мачи првата ѕвезда на тимот, Пауло Дибала, но се очекува Аргентинецот да биде подготвен. Фактот дека ќе ги имаат сите други играчи на располагање говори дека и двајцата тренери ќе може да го подготват натпреварот како што сакаат, а и шпанскиот и португалскиот стратег се познати по тактичките квалитети.

На последните четири средби на овие два тима, Севиља победи два пати, еден натпревар заврши нерешено а еднаш се радуваше Волчицата, но во финале секоја статистика е неважна.

,,Пушкаш Арената” во Будимпешта ќе биде исполнета до последното место, а главен судија ќе биде Англичанецот Ентони Тејлор.

Финалето започнува во 21:00 часот а на него ќе го добиеме прашањето: Кој ќе остане бесмртен, Мурињо освојувајќи ја шестата европска титула или Севиља со нова рекордна седма титула во Лигата на Европа?