Без победник заврши првиот четвртфинален од Лигата на шампионите. Во Плоцк Висла и Магдебург одиграа нерешено 22:22 (9:12). Домашниот тим во последните пет минути успеа да се избори за нерешен резултат, иако во текот на целиот натпревар беше во негатива и ниту еднаш немаше водство.

Магдебург одлично го почна натпреварот и по 2:2 на истекот од 15.та минута имаше водство од 7:2 по серијата од 5-0. Десет минути подоцна Висла намали на еден негатива (8:9), но сепак бундеслигашот водеше на полувреме со три разлика. Во 36.та минута Магдебург ги имаше и највисоките +6 (15:9), а полската екипа постепено ја намалуваше предноста и во 50.та минута беше 20:18 за Магдебург. Брзо следуваше мини-серија за германскиот тим и водство од 22:18 во 55.минута, но до крајот оваа екипа не постигна гол и Висла успеа да изедначи. Во последната минута Магдебург не успеа да упати удар кон противничкиот гол, а Висла во последниот напад од седум секунди упати удар кој заврши во стативата.

Мајкл Дагмард од Магдебург со 5 голови беше најефикасен, а кај Висла Ловро Михиќ постигна 4. Голманот на Магдебург Мајкл Јенсен имаше 14 одбрани. Реванш дуелот се игра во среда 17.мај.

Вечерва се игра второто четвртфинале Кил – ПСЖ, додека утре на програмата се дуелите: Веспрем – Киелце, ГОГ – Барселона.