Менаџерот на Арсенал, Микел Артета е оптимист пред дуелот со Манчестер Сити, кој е директен решава за титулата во Премиер Лигата.

Иако Арсенал се „сопна“ во последните три кола, токму овој натпревар ќе биде за нив финале сезонава. Артета верува во својот млад тим кој е пред најголемиот предизвик до сега, да му го одземе „тронот“ на Манчестер Сити.

„Ни претстои многу тежок натпревар воедно и предизвик, но ние сакавме да е така. Понекогаш мора да се игра против Сити на гости, а ако сакаме да бидеме шампиони, тогаш треба да ги победиме. За да бидете најдобри, треба да бидете подобри од другите. Толку е едноставно”, изјави Шпанецот на прес-конференцијата.

Концентрација во играта на неговиот тим е она што го најави Артета.

„Знаеме на што сѐ се подготвени Манчестер Сити и добро се подготвуваме, но многу поважно е да се концентрираме на нас и како ние да им создадеме проблеми. Големите тимови како нив знаат да те казнуваат ако им пружиш шанса, а тоа ни се има случено минатите натпревари“, истакна менаџерот на Арсенал.

Микел Артета уверува дека ќе го претстави Арсенал на највисоко ниво во натпреварот против неговиот поранешен ментор, Пеп Гвардиола кому му беше помошник.

„Нашата најголема желба е да ја освоиме Премиер лигата и во среда токму тоа ќе го покажеме. Најголемиот натпревар е секогаш оној кој ти следи. Дуелот со Саутемптон во последното коло беше најголемиот натпревар во мојата кариера бидејќи тоа така оди. Живееме од ден за ден, бидејќи противниците се менуваат од натпревар во натпревар“, заклучи Артета.

Дуелот меѓу Манчестер Сити и Арсенал кој директно може да го реши шампионот на Англија за оваа сезона ќе се игра на стадионот „Етихат“ со почеток од 21 часот.

Андреј Велјаноски