За кого се игра фудбалот во Македонија?

Во двете македонски фудбалски лиги сме сведоци на се повеќе празни трибини.

Интересот на публиката е се помал, а клубовите без некоја идеја за тоа да се подобри. Навивачки групи кои се активни на фудбалските натпревари се бројат на прсти, но и нив желбата им е скратена за да ги поддржат своите клубови на гостински натпревари.

Ако на секој натпревар во Европа има гостински навивачи, тоа не е и кај нас така. Клубовите наместо да се радуваат на публика и заработка од влезници, тие пуштаат соопштение дека немаат услови за гостински навивачки, па од тука следува прашањето за кого се игра фудбалот во Македонија?

Најново е одлуката од екипата на Воска, која за дерби натпревар со Вардар, не дозволува гостински навивачи!?

Истиот случај со оваа екипа беше и на дербито со Пелистер. На стадион со две трибини, каде што може да собери поголем број на публика, со услови за гостински навивачи, домашната екипа одлучува да игра фудбал само пред своите гледачи. Не е јасно зошто е оваа одлука, но сигурно е доколку има навивачи нема тие да слезат на терен и да ги победат.

Пред само две кола Слога Виница не прифати да има гостински навивачи на натпреварот со Пелистер.
Зошто екипа која има мал број на гледачи и е во тешка ситуација не дозволи гостински навивачи, со кои би имале повеќе продадени билети?

Работнички оваа сезона на двата натпревари со Скопје беше домаќин во Велес. Тоа што паѓа во очи е дека Работнички „одлучи“ натпреварот да се зад „затворени врати за публиката“!?
Натпревари од затворен тип најчесто се пријателски, а не првенствени.

Со услови за публика од двете екипи и плус неутрална публика од Велес која сака да гледа прволигашки фудбал, едноставно дебармаалци одлучија дека не им треба публика.

Ако во цел свет фудбалот се игра за публика, кај нас не е така, кај нас се игра за столчињата на трибините и за одредени луѓе кои смеат да се на трибината.

Нивото на фудбалот не е за пофалба, па од тука бројот на публика е намален, меѓутоа клубовите се грижат и за тие што сеуште имаат желба да се на трибина, да не се таму.

На крај прашуваме.
Што во целата оваа ситуација прави Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ)!? 
Има ли некој во ФФМ, да пресече и да застане во интерес на македонската фудбалска јавност, и мак-фудбалот воопшто!?
Дали ваквите одлуки (во јавноста се погласно се зборува дека се на поединец) се во интерес на македонскиот фудбал, или пак во интерес на одредена група на луѓе кои се водат само од личните интереси?

Останува да видиме, како ќе мине второлигашкото дерби, на кое „Комити“ одлучно реши да ја бојкотираат одлуката на Воска спорт и да отпатуваат за Охрид.

Филип Василевски

Бадијала „нов стадион“ кога празен не го личи !