Ракометарите на Еурофарм Пелистер попладнево го играат реванш дуелот од СЕХА лигата против словачкиот првак Татран Прешов.

Македонскиот претставник има убедлива предност од првиот дуел, кој заврши со победа од 37:29 за битолчани.

Густиот распоред и гостувањето на Е.Пелистер во следното коло од домашното првенство кај Алкалоид е една од причината што тренерот на битолчани Александар Јовиќ ќе комбинира со составот.

Нè очекува тежок натпревар. Одлучивме да одмориме 3-4 наши ракометари, кои беа преоптеретени во овој дел на нашето првенство и во СЕХА лигата. На овој натпревар ќе им дадеме поголема шанса и на помладите играчи и на оние кои имаа помала минутажа досега, изјави Јовиќ.

На денешниот натпревар тренерот на Татран Марек Герант очекува победа особено што во составот се враќаат Лукас Урбан и Оливер Рабек, кои го пропуштија дуелот во Битола.

Натпреварот почнува во 16 часот, а се игра во Арена Прешов.