Македонскиот шампион Вардар попладнево ќе го игра првиот натпревар од четвртфиналната рунда во регионалната ракометна СЕХА лига.

Вардарци ќе ја имаат улогата на фаворити во мечот против новосадска Војводина.

На досегашните меѓусебни натпревари, во Скопје на седум натпревари, шестпати победувал Вардар. Српскиот тим единствено во 2014 година успеал да триумфира (25-23), но ланскиот дуел одигран во Нови Сад кој Вардар го загуби со 16-26, е доволно предупредување, сека сериозно мора да се влезе во двомечот со овој противник.

„Војводина доминира во српското првенство, и игра во полуфиналето на европските купови. Имаа одлични мечеви со Нексе и со Еурофарм Пелистер и победија со висока разлика, и тоа е доказ дека се добар тим.
Играат брз ракомет, со трчање, модерен. Имаат добра и цврста одбрана. Не ни значи дали играме прво дома, па во гости. Некогаш е добро што дома играш прво бидејќи ќе го знаеме исходот, но сепак се играат 120 минути.
Имаме неколку повредени играчи, ќе се потрудиме да собереме сили бидејќи доаѓа период на згуснат распоред, бидејќи имаме натпревари и во првенство, куп и СЕХА лигата. Немаме многу време за подготовки, но секој момент се користи за задржување на високата форма. Тешко е да издржи ритамот на 3 меча за 6 дена. Кој ќе го издржи тој ритам ќе се радува на крајот од сезоната“,
вели тренерот на вардарци, Владо Недановски.

Натпреварот меѓу Вардар и Војводина што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, ќе започне од 18 часот.